Што е Дијабетична ретинопатија?

Дијабетичната ретинопатија е една од најсериозните компликации од шеќерната болест и сè уште една од трите ( катаракта, глауком, дијабетична ретинопатија ) водечки причини за слепило доколку навреме не се лекуваат промените.

Дијабетичната ретинопатија е хронична, микроваскуларна компликација од дијабетес мелитус. Дури 80 проценти од пациентите кои имаат дијабет имаат појава на дијабетична ретинопатија.Но и  покрај овие застрашувачки статистики,истражувањата кажуваат дека околу 90 проценти од ново дијагностицираните случаи можат да бидат превенирани ако пациентите се редовно контролирани и третирани. Колку подолго пациентот има дијабет толку се поголеми шансите да развие дијабетична ретинопатија.

Дијабетичната ретинопатија многу често нема рани симптоми.

Ризик-фактори за појава на дијабетична ретинопатија се хипергликемија, хипертензија, времетраење на дијабетесот, дебелина, пушење, бременост и хирургија на катаракта.

Фактори кои не може да се контролираат:

-Должина на траење на дијабетесот како најзначаен фактор за појавување на дијабетичната ретинопатија

-Возраста на пациентите

 Симптоми

Дијабетичната ретинопатија, вообичаено, не дава посебни симптоми сè додека не дојде до напредна фаза на болеста. Често се случува да се открие дури откако ќе има комплетен пад на видот. Во принцип, пациентите субјективно се жалат на:

-Заматување пред очите – резултат на промени во стаклестото тело

-Губиток на дел од видното поле – резултат на крвавење

-Слабеење на централниот вид – резултат на промени во макулата (дијабетична макулопатија)

-Тотален губиток на видот – резултат на масивно крвавење во стаклестото тело или поради одлепување на ретината.

 Лекување

Во зависност од степенот на промените и од видот на дијабетичната ретинопатија, се применуваат различни тераписки процедури и тоа: ласерфотокоагулација на ретината, aпликација на анти-VEGF  препарати во витреалното тело на окото и хируршки третман (витректомија).

 Превенција

Имајќи ја предвид преваленцијата на лицата со дијабетес и растечкиот тренд, клучна улога за цел спречување на појавата и прогресијата на дијабетичната ретинопатија имаат редовните офталмолошки прегледи, секако, во корелација со добрата метаболична контрола, добри вредности на холестеролот и триглицеридите, стабилен артериски крвен притисок и престанок на пушењето.

Дури и по уреден наод од офталмолошкиот преглед, без промени на очното дно пациентите треба и понатаму да водат грижа за метаболичната контрола, за здравиот начин на живот и за редовни контролни прегледи на секои 6-12 месеци кај својот специјалист-офталмолог.

Редовен годишен офталмолошки преглед и навремен тераписки третман ќе спречи губење на видот во повеќето случаи, а пред сè стабилизација на видната острина.