Катаракта претставува заматување на природната леќа на окото кое предизвикува слабеење на видот. Почнувајќи од почетно заматување, полека постепено доведува и до привремено слепило од кое може да се развие потполно заматување на леќата во најдоцната фаза на болеста, нешто кое никако не би требале да го дозволиме да се развие.

Кога еднаш ќе се појави катарактата, веќе не може да се излекува со капки за очи, очила со зголемен диоптер, ниту со посебна исхрана. Катарактата единствено може да се отстрани со оперативен зафат. Со помош на ултразвучен апарат се отстранува заматената леќа и на нејзино место се имплантира специјално дизајнирана, флексибилна вештачка леќа, таканаречена интраокуларна леќа која останува трајно во окото. 

Временски катарактата се развива индивидуално, од неколку месеци до неколку години. Порано се верувало дека за операција на катаракта треба да се чека до нејзината крајна фаза кога пациентот веќе не е способен самостојно да функционира. За среќа, овој застарен став е надминат. Всушност, како напредува болеста, леќата во окото станува се потврда, а со самото тоа и потешко се отстранува. Исто така, кај позрела катаракта, неопходно е да се користи поголем интензитет на ултразвук, што може да им штети на околните ткива, особено на рожницата. Ваквата операција трае подолго, а со самото тоа подолготраен е и процесот на опоравување на рожницата.

Препорака е операцијата да се изврши тогаш кога тегобите кои ги предизвикува катарактата пречат на секојдневните активности: ослабен вид кои оневозможува читање и отежнува гледање на телевизија, појава на непријатен одсјај при сончево време, односно од автомобилски светла при ноќно возење итн. Важно е да се напомене дека операцијата е значајно побезбедна доколку се оперира катарактата во рана фаза, пократко трае, со минимален процент на компликации и оздравувањето е далеку побрзо и покомфорно.